Ден на македонскиот јазик и азбука – „Пишувај на кирилица!“
На денешен ден, 5 мај 1945 година, со Решение на Народната влада на Федеративна Република Македонија била усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеца, Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик. Со објавувањето на македонската азбука и со усвојувањето на македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година од страна на тогашната Народна влада на Федерална Македонија, остварена е кодификација на современиот македонски литературен јазик.
Петти мај се одбележува како Ден на македонскиот јазик од 2019 година со одлука на Владата.
По повод Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, надлежните институциии денеска организираат дебати и повеќе културни настани, а во вечерните часови на објекти во неколку градови низ државава ќе има светлосни и видеопроекции со цитати од македонско творештво. Годинава одбележувањето е под слоганот „Пишувај на кирилица!“, со акцент на употребата на кирилското писмо во секојдневната електронска комуникација, особено преку мобилните уреди.
Врз Фасадата на зградата на Собранието ќе бидат проектирани најубавите поетски стихови и прозни мисли напишани на македонски јазик. Граѓаните синоќа можеа да ги прочитаат стиховите на Петре М. Андреевски:
„Кога ја љубев Дениција,
како да учествува во создавањето
на првата македонска држава“.
Стиховите се дел од антологиската збирка песни „Дениција“ на Андреевски.
Националната установа Библиотека „Григор Прличев“од Охрид, денес на свечен начин ќе го одбележи Денот на македонскиот јазик и азбука со рецитали и проекција на документарни филмови.
Развојот на денешната македонска азбука датира уште со појавата на глаголицата и потоа со замената на глаголицата со кирилца и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем. Македонската азбука е официјално и единствено писмо на македонскиот јазик со службен статус на територијата на Република Северна Македонија. Македонскиот книжевен јазик е јужнословенски јазик со една од најстарите книжевнојазички традиции и службен јазик во Македонија. Спаѓа во групата на јужнословенски јазици, а го зборуваат околу 3 милиони говорници во Македонија, Грција, Албанија, Бугарија, Австралија и други земји.