Денес во 9 часот почнува работнички протест, сите приоди кон Собранието ќе бидат блокирани
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за денес најави протест со блокада пред Собранието на улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“. Одлуката е донесена од Претседателството и Советот на ССМ, согласно Законот за јавни собири.

Од ССМ велат дека пратениците цела година не се изјасниле за нивниот предлог за зголемување на минималната плата на 600 евра и покачување на останатите плати за најмалку 6.000 денари.
-Согласно закон, најмалку по 21 човек се потребни на двете локации за да ги блокираме пратениците, но ве покануваме сите што можете да ни се придружите. Пратениците сè уште се прават глуви на иницијативата на ССМ за зголемување на минималната плата и на останатите плати за 100 евра, како и за последната иницијатива на ССМ за намалување на нивните плати за 80 проценти, односно да си ја намалат основицата за пресметка на плата од просечна на минимална плата и да ги намалат нивните коефициенти на сложеност, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилот.
Тој додаде дека пратениците први ќе се соочат со гневот на работниците, бидејќи нема да можат да ги наплатат патните трошоци за доаѓање на работа кои се движат од 100 евра па нагоре.
-Со тоа ќе им покажеме дека онака како што работниците доаѓаат на работа пеш или со јавен превоз, така ќе треба и тие да дојдат и да им покажат на работниците дека сочувствуваат со нивната мака затоа што ниту трошоците за превоз и храна како што бара Сојузот на синдикатите на Македонија не ги гласаат во Собрание за да имаат право работниците на таквите трошоци, додаде Трендафилов.
За време на протестот ќе биде обезбедено непречено движење за потребите на Итната медицинска помош, Противпожарната бригада и полицијата, а воедно им се извинуваме на граѓаните кои ќе имаат потреба да се движат во периодот на Блокадата по наведените улици, а секој итен случај ќе биде пропуштен да помине.
Собранискиот спикер Африм Гаши порача пратениците да најдат начин да дојдат на седница, без да се попречи правото на протест на граѓаните.