Денес започна второто полугодие за учениците

По тринеделен зимски распуст, основците и средношколците денес се вратија на настава во второто полугодие од учебната 2024/2025 година. Според календарите за работа, наставната година во основните и во средните училишта завршува на 10 јуни, освен за матурантите, за кои редовната настава завршува на 16 мај 2025 година. Учебната година нема да биде продолжена како минатата година бидејќи ќе нема пролетен распуст кој беше воведен лани.
По повод почетокот на вториот дел од учебната година, министерката за образование и наука Весна Јаневска на учениците, наставниците и родителите им посака успешно совладување на новите предизвици, нагласувајќи дека секој треба да придонесе во градењето пријателски и безбедни училишта, во кои владее култура на разбирање и соработка. – Тоа се важни предуслови за стекнување квалитетни знаења, вештини и компетенции, кои младите ги оформуваат како одговорни граѓани и идни лидери на инклузивно, праведно и просперитетно општество, се вели во соопштението од Министерството за образование и наука.
