Skip to main content

Денес започнува теренската контрола на сите субјекти регистрирани како кабаре, дискотеки или ноќни клуб

Според регистарот на Министерството за економија, во Скопје нема ниту еден ноќен клуб-кабаре со лиценца за работа, во Охрид само две решенија.
 |  инфодеск  | 

Денес започнува теренска контрола на сите субјекти регистрирани како кабаре, дискотеки или ноќни клубови по што властите ќе излезат со детални информации. 

Премиерот Мицкоски уште завчера на прес-конференција во Владата рече дека ќе почне робусна акција на проверка на сите документи во угостителските објекти, по страотниот пожар во дискотека во Кочани, во кој досега загинаа 59 лица, а 155 се повредени.

-Почнува робусна акција во насока на проверка на сите документи, сите лиценци, сите дозволи за градба, сите дозволи за употреба, дозволи за работа, и убеден сум дека ќе најдеме стотици, десетици… Милиметар да недостасува ќе бидат затворени, тука нема да има милост кон никого, рече Мицкоски.

Мицкоски изјави дека објектот каде што се случи пожарот имал фалсификувана лиценца за работа од датум 13 март 2024 година, потпишана од тогашната државна секретарка во Министерството за економија Размена Чекиќ Дуровиќ.

Според регистарот на Министерството за економија, во Скопје нема ниту еден ноќен клуб-кабаре со лиценца за работа. Најмногу лиценцирани ноќни клубови и кабареа има во Битола, вкупно три. Следува Охрид со 2 дозволи, додека по една дозвола имаат Штип, Делчево, Неготино, Кичево, Прилеп, Виница и Гевгелија. 

На веб страната на Министерството за економија и труд сè уште стои стариот, неажуриран список на сите издадени лиценци за вршење на угостителска дејност кабаре, ноќен бар, дискоклуб и дискоклуб на отворен простор.