Skip to main content

православен календар

Денеска се чествува Великомаченик Свети Димитриј – Митровден

Освен вообичаениот обичај на носење леб и вино в црква (каде се осветува лебот), празникот се одбележува во семејството
 |  инфодеск  | 

Митровден e голем христијански празник посветен на светиот великомаченик Свети Димитриј, кој се празнува на 8 ноември. Празникот се слави на целиот Балкански полуостров. Традиционално, Митровден го означувал почетокот на студеното време-зимата.

Светиот великомаченик Димитриј, кој живеел во Солун, во 3. век. Тој бил син на градоначалникот, кој долго време немал деца и по долги молитви, добил син, кого го воспитувал според христијанските верувања. По смртта на татко му, Димитриј бил назначен за градоначалник на Солун. Во тоа време, христијанството не било признаено како државна религија, па царот го советувал Димитриј да постапува сурово кон христијаните, но тој ги подучувал нив како да се чуваат од паганите. За тоа дознал царот и кога дошол да се увери во вистината, Димитриј воопшто не одрекувал дека е христијанин, туку јавно ја презрел паганската религија на царот, поради што бил затворен. Со него се поврзани многу чуда, особено поврзани со одбраната на Солун од непријателите. Поради тоа, овој светец се смета за заштитник на Солун.

Освен вообичаениот обичај на носење леб и вино в црква (каде се осветува лебот), празникот се одбележува во семејството и за него не се поврзани некои посебни обичаи или обреди. Вечерта пред празникот се прави „заслуг“ (од заслужување) или „кана“ (од канење), при што поблиските се канат со лепче или со некој друг предмет. На денот на славата се дава ручек на кој се служат мрсни јадења, освен ако прзникот падне во ден кога се пости. Исто така, на гости се оди и следниот ден, претпладне. Инаку, сите луѓе кои се викаат Димитар, Димитрија, Диме, Митре …на овој ден слават именден, кој се прави навечер.