Skip to main content

Да! Можеме да ставиме крај на туберкулозата

Денеска е Светски ден за борба против туберкулозата

СЗО оваа година под мотото „Да! Можеме да ставиме крај на туберкулозата“, го одбележува 24 март – Светски ден на туберкулозата и има за цел да поттикне политичка посветеност, односно земјите да го засилат напредокот во пресрет на состанокот на Обединети Нации за туберкулоза во 2023 година.
 |  инфодеск  | 
Бели дробови

Секој ден, речиси 4.400 луѓе умираат како последица на туберкулоза – што се смета за една од најсмртоносните инфекции во светот. Околу 30.000 луѓе дневно заболуваат од оваа болест, според податоците од Светската здравствена организација. Во Македонија во последните 15 години забележан е континуиран пад на бројот на новозаболени. Од 2019 година сме во групата на земји со ниска инциденца, што има помалку од десет случаи на 100.000 жители.

СЗО оваа година под мотото „Да! Можеме да ставиме крај на туберкулозата“, го одбележува 24 март – Светски ден на туберкулозата и има за цел да поттикне политичка посветеност, односно земјите да го засилат напредокот во пресрет на состанокот на Обединети Нации за туберкулоза во 2023 година.

Од Министерството за здравство по повод Светскиот ден на туберкулозата, апелираат дека BcG вакцината штити од тешки форми на туберкулоза и е безбедна и ефикасна, особено за децата.

Кај оваа инфекција карактеристични се симптомите како треска, кашлица, ноќно потење или губење на тежина можат да бидат лесни-непрепознатливи неколку месеци. Болеста обично ги оштетува белите дробови, но некогаш може да оштети и други делови од телото, на пример, лимфните жлезди, бубрезите, коските. Од Министерството велат дека доколку некое лице има активна форма на туберкулозата потребно е итно лекување, изолација, следење на препораките од здравствено лице, и редовно миење на рацете по кашлање или кивање.

Директорот на болницата за белодробни заболувања кај децата „Козле“, д-р Бесник Зеќири, во изјава за МИА вели дека во Институтот, годишно имаат во просек по 10 до 12 деца. Во моментов, болнички се лекуваат шест деца и сите се во стабилна состојба.

Туберкулозата е откриена во 1882 од страна на германскиот лекар Роберт Кох. Светскиот ден на туберкулозата се одбележува секоја година на 24 март за да се подигне свеста за туберкулоза и напорите да се стави крај на глобалната епидемија.