Денеска и утре топлотен бран, владата со препораки до работодавачите
Метеоролозите за денеска и утре најавуваат сончево и натпросечно топло време. До четврток ќе се задржи сончево и многу топло време, а најтопло ќе биде во среда кога дневната температура наместа ќе достигнува до 40 степени. Промена на времето со локален пороен дожд, грмежи и пад на температурата се очекува во петок, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР).
Владата на барање на Министерството за здравство, на вонредна седница, поради најавите за топлотен бран во државава донесе соодветни препораки.
Владата ги усвои препораките од Министерството за здравство за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението за територијата на градовите Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран, за деновите 11.06.2024 (вторник) и 12.06.2024 година (среда), согласно коишто е предвидено:
- Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно: бремените жени и лицата на возраст над 60 години;
- Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
- Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица, бездомни лица;
- Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Исто така, на 11 и 12 јуни 2024 година, Скопскиот и Вардарскиот регион ќе бидат зафатени од високи температури од жолта фаза (аларм – подготвеност). Во овие региони ќе важат општите препораки кои ќе ги соопшти Министерството за здравство.