Skip to main content

Деновите на македонската култура во Прага

Деновите на македонската култура во Прага завршија синоќа со настапот на Македонскиот балет во комплетен состав и изведбата на „Рајмонда“ на Александар Глазунов.

 

Praga
Прага
Деновите на македонската култура во Прага завршија синоќа со настапот на Македонскиот балет во комплетен состав и изведбата на „Рајмонда“ на Александар Глазунов.
Публиката во театарот во прашкиот кварт Винохради со аплаузи ги испрати од сцената Александра Мијалкова, Сергеј Сидорски и Дмитро Чеботар, кои ги одиграа главните улоги.

PragaОрганизаторот на манифестацијата „Под македонското сонце“ – Министерството за култура на Република Македонија, ја исполни мисијата – во земјата актуелен претседавач со Европската унија да ја покаже македонската култура во сите сегменти, низ разновидна програма, конципирана како спој на урбаното и традиционалното и синтеза на историското и современото во Македонија.
Потфатот е успешен имајќи предвид дека првпат комплексно се претставува македонската култура во старата бохемиска престолнина, во која има огромна конкуренцијата на фестивали, манифестации, кина и театри, каде што во една вечер се случуваат стотици настани, а во секој момент има перформанси, од сите страни се нудат летоци-покани за концерти за да се привлече вниманието на бројните туристи со кои пулсира метрополата, особено во нејзиниот историски  дел  заштитен од УНЕСКО. Меѓу многуте понуди актуелни се изложбите на дела од Салвадор Дали, Алфонс Муха, фотографии за престојот на Алберт Ајнштајн во Прага, во 1911-1912 година…., гостувањето на Леонард Коен, Симпли ред…
Самиот министер за култура во чешката Влада Вацлав Риеделбаух, кој присуствуваше на свеченото отворање, за македонските медиуми изјави дека Прага е преполна со уметност и култура и да се донесе нешто ново не е едноставна работа. Од одвивањето и одѕивот на манифестацијата е задоволен и амбасадорот на македонската култура во Чешка Иво Трајков, кој вели дека таа го отворила патот за идна соработка.
Имаше и спотови и плакати за манифестацијата, како и специјална веб-страница (њњњ.днѕмакедоние.цз), а заслужни за анимирањето на чешката публика се и македонските иселеници, голем број студенти од Македонија во Прага, како и Амбасадата на Македонија, нивното лобирање и   пријателството со Чеси. Настанот допре и пошироко во јавноста со интервјуто на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска за тиражниот чешки неделник „Тѕден“.
Канческа-Милевска и нејзиниот колега Риеделбаух се согласија дека културната соработка треба да продолжи поинтензивно во иднина, со поблиски релации на институциите, со конкретни проекти, со возвратно претставување на чешката култура во Македонија…. Сите иницијативи за кои двајцата министри разговараа на средбата во Прага ќе бидат опфатенни со протоколот за културна соработка, што ќе биде прв официјален документ на тој план. Протоколот се очекува да биде потпишан  за време на „Охридското лето“ зашто Риеделбаух ја прифати поканата на Канческа-Милевска да го посети нашиот најпознат фестивал.
Во Деновите на македонската култура од 18-ти до 24 мај пражаните имаа можност за средба со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија,  Ансамблот на народни песни и ора „Стефче Стојковски“, националниот Балет, Драмски театар-Скопје, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Мирослав Масин, со неколку филмови од македонската кинематографија и со научната продукција на државниот Архив – со учесниците на првото сеопфатно претставување на македонската култура во Чешката Република.

 


{loadposition content9}