Денови на македонската култура во Корча
Во организација на македонската Амбасада и Културно-информативниот центар во Тирана од денеска и во наредните два дена во албанскиот град Корча ќе се одржи манифестацијата „Денови на македонската култура“.
Според програмата, ќе бидат организирани изложби, проекција на филм и музички настап, а ќе биде организирана и промоција на бесплатни курсеви по македонски јазик и литература.
За денеска е предвидена промоција на бесплатни курсеви по македонски јазик и литература од Педагошкиот факултет од Битола. Манифестацијата ќе ја отворат амбасадорот Данчо Марковски и првиот човек на Корча, Сотирач Фило, по што ќе биде отворена изложба на македонскиот графички дизајнер Зоран Кардула. Сите активности се во библиотеката на Универзитетот „Фан Ноли“ во Корча.
Во рамките на вториот ден од манифестацијата, во петок, на Филолошкиот факултет повторно ќе има промоција на бесплатните курсеви, а вечерта во Куќата на знамето ќе биде отворена изложбата „Невестински соништа“ на Националната установа Завод и музеј – Битола.
Во сабота, по промоцијата на бесплатните курсеви во просториите на факултетот, во Театарот во Корча концерт ќе одржи хорот „Менада“, додека во 20:30 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Медена земја“.
Објавувајќи ја веста за „Деновите на македонската култура“, албанските медиуми наведуваат дека од денеска до крајот на манифестацијата, Корча ќе пулсира во духот на македонската култура.