Skip to main content

Директорот на НУ Историски музеј – Крушево поднесе оставка по реакциите за спотот сниман во „Македониум“

Оставката следува по јавните реакции за снимањето на музичкиот спот „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони во внатрешноста на „Македониум“, споменик што е заштитено културно наследство.
 |  инфодеск  | 

Директорот на НУ „Историски музеј“ – Крушево, Миха Оџаклиески, денеска поднесе неотповиклива оставка. Одлуката ја образложи како личен, морален и етички чин, со кој изразува одговорност кон институцијата и јавноста. Оставката следува по јавните реакции за снимањето на музичкиот спот „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони во внатрешноста на „Македониум“, споменик што е заштитено културно наследство.

–Иако немало намера за прекршување на закон, правилник или одлука, направен е ненамерен пропуст во проценката на начинот на кој одредена постапка може да биде разбрана од јавноста. За тоа чувствувам морална одговорност и затоа ја поднесувам оставката, наведува Оџаклиески.

Тој се извини на јавноста за настанатата недоумица и за ненамерниот пропуст, нагласувајќи дека извинувањето го упатува како израз на почит кон граѓаните и кон институцијата на која ѝ служел.

-Националната установа е институција од особено значење за нашата културна и историска меморија. Нејзиниот углед и довербата на јавноста се поголеми од секоја функција и од секој поединец што во определен период ја извршува таа функција, се наведува во оставката.

Оџаклиески потенцираше дека оставката ја поднесува со чиста совест во однос на законската одговорност, но со целосна свест за моралната одговорност што ја носи функцијата директор на јавна установа. Тој претходно потврди дека просторот беше отстапен на продукцијата за околу 500 евра, за користење од пет до шест часа. Тој објасни дека Управниот одбор донел одлука со која се овозможува отстапување на просторот за снимања со соодветен надомест. Сепак, како што посочува, раководењето со јавна институција подразбира одговорност која не се исцрпува единствено во почитувањето на законските норми, туку подразбира и високи морални и етички стандарди, особено кога станува збор за довербата на јавноста.