Од полноќ дизелот поевтин, бензините со иста цена
Малопродажните цени на дизел горивата од ноќеска на полноќ се намалуваат
Малопродажните цени на дизел горивата од ноќеска на полноќ се намалуваат за половина до еден денар по литар, а цената на бензините останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Со одлуката се врши намалување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,32, односно за 0,09 отсто.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за половина денар по литар и ќе чини 52,5 денари, додека цената на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поевтинува за денар по литар и ќе изнесува 41 денар.
Малопродажните цени на ЕУРОСУПЕР БС-95 и на ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат, односно остануваат 66,5 и 68,5 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 0,347 денари по килограм се намалува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 27,498 денари за килограм.
Како причина за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ја посочуваат за 1,36 отсто пониската просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена.