ДКСК се огласи во врска со именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност
Државната комисија за спречување на корупцијата објави соопштение во врска со именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност, потенцирајќи дека постапува во рамките на своите законски овластувања и надлежности, насочени кон проверка на можни судири на интереси, интегритет и транспарентност во постапките за именувања на раководни функции, и дека е независен орган со точно утврдени надлежности и во своето работење се води исклучиво од потребата за законито и транспарентно функционирање на институциите.
„Информациите во јавноста за дуализам во постапувањето помеѓу ДКСК и ОЈО не соодветствуваат со реалноста, бидејќи двете институции имаат различни функции и институционална поставеност. ДКСК исто така истакнува дека нејзиното постапување во ниту еден случај не ги запира постапувањата на останатите надлежни институции од спроведување на надлежностите. Одредени обиди за прикажување на постапувањето на ДКСК како причина за одложување или неактивност на други институции, сметаме дека не се оправдани и може да внесат погрешни перцепции кај јавноста. Укажуваме дека нашата работа не ги заменува ниту ги одложува обврските на другите надлежни органи. Напротив, ДКСК ги поттикнува сите надлежни институции, да ги извршуваат должности во согласност со законските надлежности“ – стои во соопштението.
ДКСК додава дека постапува во рамките на роковите утврдени со закон и тие рокови го диктираат постапувањето на ДКСК, обезбедувајќи така систематичен и транспарентен пристап во проверките.
Од таму потенцираат дека потребно е сите надлежни органи да ја почитуваат институционалната рамка и надлежностите на ДКСК, со што ќе се обезбеди ефективно и транспарентно завршување на процесите од интерес на јавноста.