Дводневни вонредни инспекциски надзори на Агенцијата за храна и ветеринарство
Во Струга казнети маркет и месарница, уништени 65 килограми небезбедна храна. Во Охрид казна од 500 евра заработи една гостилница, каде беа пронајдени 15 кг небезбедна храна. Во Кичево, пак покрај казна времено е затворен еден ресторан, таму се уништени 187 килограми храна. Ова се резултат само на дводневните вонредни инспекциски надзори на Агенцијата за храна.
Најчестите прекршоци се немање декларации и продажба на храна со поминат рок.
„Тоа говори дека во иднина Агенцијата за храна и ветеринатрство ќе спроведува засилени контроли на целата територија на Р. Македонија. Имаме парични санкции и санкции со затворање до 30 дена или додека не ги обезбедат потребните документи. Контроли се прават секојдневно на целата територија, дали станува за производство секојдневно се прават контроли“, вели Оливер Миланов директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Кај некои од операторите утврдени се незадоволителни хигиенски услови, вршење на активност која не е одобрена од АХВ и непоседување на санитарни книшки за вработените.
„Се разбира по законските нормативи секоја храна секој продукт треба да има декларација се она што не е по закон и нема декларација, се разбира треба да биде пријавено до пазарен инспекторат и службите на Агенцијата за храна ќе постапат“, вели Игор Џаџоски професор на ветеринарен факултет.
Само во првите 6 месеци од годинава во внатрешниот промет спроведени се 24. 335 инспекциски контроли, а изречени вкупно 2 433 инспекциски мерки. Уништени 37,6 тони и 13.654 литри небезбедна храна.
Само во текот на оваа летна сезона во Охрид и Струга беа уништени 8.7 тони небезбедна храна, а беа казнети 54 оператори.
Новинар Соња Рилковска