ДЗС со апел до угостителите: Почитувајте ги правилата за бројот на гости и за противпожарна заштита
Во пресрет на претстојните празници, кога традиционално се организираат предновогодишни и новогодишни прослави, забави, а и јавни собири во угостителските објекти, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) апелира до сопствениците и организаторите да постапуваат одговорно и целосно да ги почитуваат прописите за заштита од пожари и за безбедност на посетителите, а секако и за брза евакуација и при други итни случаи на загрозеност на животот и здравјето на граѓаните и при други опасности.
Со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните, ДЗС посочува дека е задолжително:
- целосно да се почитува максимално дозволениот број посетители на организираните настани, согласно капацитетот и важечките прописи;
- објектите да бидат соодветно обезбедени со исправна противпожарна опрема, којашто е неопходно непречено да биде достапна за итна употреба и што е редовно одржувана;
- коридорите, излезите и патиштата за евакуација да бидат постојано чисти, проодни и без пречки;
- излезните врати за евакуација да бидат отклучени и функционални за непречено напуштање на објектите во случај на пожар или друга опасност;
- да се почитува забраната за користење на пиротехнички средства и да не се користи отворен пламен во затворени простории или други потенцијално опасни материјали спротивно на законските прописи;
- персоналот да биде информиран и подготвен за постапување во случај на итна состојба.
Почитувањето на овие превентивни безбедносни мерки не е само законска обврска, туку е и морална одговорност на секој сопственик и организатор на масовни настани кон неговите гости и вработени, потенцираат од ДЗС.