Skip to main content

Електронски визи за влез во ЕУ

Таканаречената електронска виза ќе се издава на лица над 18 години и ќе биде валидна пет години

 |  инфодеск  | 

Европската комисија денеска предложи претходна проверка за секој кој од трета земја влегува во шенген-зоната на Европската Унија, дури и ако земјата има безвизен режим. Со овој потег, ЕУ би применила сличен систем кој веќе постои во САД.
Апликацијата, според сѐ уште неофицијалните информации, ќе се пополнува на посебна интернет страница на Европската Унија.

Документот за оваа мерка, како што објави и германскиот магазин „Велт“, е изготвен од европскиот комесар за внатрешни работи, Димитрис Аврамопулос.

„Системот ќе овозможи да се определи дали присуството на едно лице на територијата на ЕУ е опасност од гледна точна на нелегална имиграција, безбедност или зачувување на јавно здравје“, пишува во документот.

Според планот на Аврамопулос, регистрирањето би траело најмногу десетина минути, а во апликацијата ќе се наведуваат податоци од пасошот. Таканаречената електронска виза ќе се издава на лица над 18 години и ќе биде валидна пет години, а за тоа ќе треба електронска уплата од 5 евра. За децата под 18 години, ваква апликација нема да биде потребна и тие ќе можат да патуваат како и досега, само со важечки пасош.