Есеистиката на Стефановски ги обедини македонистите од Љубљана, Загреб и Скопје
Есеистиката на Горан Стефановски ги обедини македонистите и јужнославистите од Љубљана, Загреб и Скопје. На настанот којшто денес, по повод 70 години од раѓањето на Стефановски, хибридно – со физичко и виртуелно присуство се одржа на Одделот за славистика при Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана, покрај словенечките студенти се приклучија и студенти од Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб и од Филолошкиот факултет „Блаже Конески” на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Покрај нив, на настанот учествуваа и етаблирани македонисти и јужнослависти – истражувачи, книжевни преведувачи и писатели, меѓу кои и писателката Лидија Димковска. Но, виртуелно се вклучија и предавачи и книжевни преведувачи и од Англија и Грција. Сите со интерес и решеност да се случат и нови исчитувања на опусот на големиот македонски драмски писател и есеист.
Во централниот дел на настанот беше одржано предавање на тема: „Пораки за Дивиот Исток: Идентитетските прашања и дилеми во есеите на Горан Стефановски”, од асс. м-р Иван Антоновски.
Горан Стефановски е првиот драмски автор кој надминувајќи ги македонските културни граници, со вредностите на своето дело го поврза некогашниот југословенски и воопшто јужнословенскиот културен простор. И тоа уште со неговата драма „Јане Задрогаз” во 1974 година, а клучно, пет години потоа, со тогаш најдобрата југословенска драма „Диво месо” – признание кое го доби и за „Црна дупка”. Со децении, неговите драми се на сцените на театрите ширум јужноловенскиот ареал, но веќе и дел од она што редовно го читаат студентите по македонистика на странските универзитети – само во Словенија и Хрватска, дванаесетпати премиерно е поставен на сцена негов драмски текст. И да не заборавиме дека меѓу многуте признанија, во 2007 година ја доби и големата награда на фестивалот „Виленица” во Словенија, и дека само еден месец пред неговото физичко заминување беше прогласен за почесен доктор на науки на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија, Бугарија. Горан покажа дека со книжевноста може да се поврзат културите и да се создаде приказна во која во име на книжевните вредности нема Ние и Тие, туку само Ние. И не запре тука – туку со своето дело нè претстави сите нас од јужнословенскиот ареал на сцената на Европа и светот, покажувајќи ги нашите достоинства. Затоа, ние сме и обврзани да ги одржуваме синтезите коишто тој ги воспостави и драго ми е што со нашите школи, оваа година, придонесовме и за нивно зајакнување, поттикнувајќи ново исчитување и на драмското и на есетичкото творештво на Стефановски, и што еве, ни се случува и овој настан – истакна директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, д-р Весна Мојсова-Чепишевска, во своето уводно обраќање на настанот.
На настанот се обрати и проф. д-р Намита Субиото, која изминативе дваесет години ја води љубљанската Катедра за македонски јазик и книжевност, а сега е и раководителка на Одделот за славистика.
Драмите на Горан Стефановски се постојано дел од лектирата на студиската програма Јужнословенски студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, а седумдесетгодишнината од раѓањето на големиот драмски автор ја одбележуваме на посебен начин: со циклус предавања за неговото драмско творештво што ги одржува доц. д-р Ивица Баковиќ, експерт за македонската и воопшто јужнословенската драма. Баковиќ ни доаѓа од Филозофскиот факултет во Загреб во рамките на договорот за размена на професори, склучен помеѓу љубљанскиот и загрепскиот Филозофски факултет. Многу се радувам што во оваа инспиративна динамика се вклучува и Филолошкиот факултет „Блаже Конески” со посебно предавање на асс. м-р Иван Антоновски за есеистиката на Стефановски, а со тоа се вклучува и МСМЈЛК при УКИМ, бидејќи Антоновски годинава на оваа тема го одржа и курсот на Втората зимска школа за македонски јазик, литература и култура, на којшто имав чест и задоволство да учествувам и да се уверам во неговото исклучително продлабочено познавање на овој до сега поскромно истражен сегмент на богатиот креативен опус на Стефановски – посочи Субиото.
Доц. д-р Баковиќ кој го одржува циклусот предавања во Љубљана, посветени на драмите на Стефановски, нагласи дека драмскиот опус на Горан Стефановски редовно се чита и се толкува во рамките на наставата по неколку македонистички предмети на додипломските и магистерските студии по јужнославистика на Филозофскиот факултет во Загреб.
– Годинава, по повод годишнината, дополнително, во рамките на наставата по неколку предмети творештвото на Стефановски беше во преден план ,зашто преку неговиот опус, студентите лесно се запознаваат со најважните поглавја од историјата на македонската драма и театар. па дури и со клучните струења во современите јужнословенски драмски литератури. На мое големо задоволство, во овој семестар, драмскиот опус на Стефановски го толкувам и исчитувам и со љубљанските македонисти. Но, особена чест ими беше што како преведувач и соработував со овој голем драмски автор, кога заедно со проф. Борислав Павловски работевме на првото хрватско издание на одбраните драми на Стефановски. Книгата „Одисеј и други драми” е излезена од печат токму во ноември 2018. Сега, благодарение на колегата Иван Антоновски, експертот за есеистиката на Стефановски, имаме прилика подобро да се запознаеме и со овој важен дел од опусот на Стефановски. Во јужнословенскиот контекст, на Стефановски му припаѓа важно место, и затоа ваквата соработка е од исклучителна важност – напомена Бановиќ.
Во централниот дел на настанот, асс. м-р Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, во своето предавање, најпрво се оврна на поетичките особености на есеистиката на Стефановски и изнесе дел од своите согледувања и тези во врска со она по што таа се издвојува не само во рамките на македонското есеистичко искуство, туку и воопшто во поимањето на есејот како жанр. Потоа, во целост, акцентот на предавањето беше ставен на односот на Стефановски кон идентитетот, во неговите есеистички тектови кои според Антоновски се метажанр во опусот на овој голем македонски автор. Антоновски пред присутните претстави и мини каталог на идентитетски прашања и дилеми во есеите на Стефановски, поттикнувајќи синтези со неговото драмско творештво и едновремено отворајќи нови перспективи за анализирање на опусот на Стефановски во целина, споделувајќи и дел од своите заклучоци претставени во книгата „Идентитетот е приказна”.
По предавањето, присутните поведоа и дискусија во која се отворија и нови прашања, со кои исчитувањето на есеистичкиот и севкупниот опус на Горан Стефановски продолжува, не само во нашата културна средина, туку и на странските универзитетски центри. Во дискусијата се вклучи и писателката Лидија Димковска, напоменувајќи дека цитатите од творештвото на Горан Стефановски изминатиов период се многу присутни во нашиот културен и општествен простор и дека може да се очекува во следниот период да бидат присутни уште повеќе, дотолку што ќе постанат своевидна „народна книжевност”.
Со ова, активностите на МСМЈЛК при УКИМ посветени на делото на Стефановски не запираат. Меѓу другото, веќе се подготвува издание во кое ќе бидат поместени и избори од неговото дело „Конзервирани импресии” преведени на неколку странски јазици, во рамките на школите на МСМЈЛК при УКИМ кои се одржаа оваа година, како и зборник со научни трудови од 49-тата Меѓународната научна конференција на која една од централните теми беше творештвото на Горан Стефановски.