Филипче доби нов мандат на чело на СДСМ

Венко Филипче официјално е избран за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на вчерашните директни внатрепартиски избори, на кои тој беше единствениот кандидат.
На 78 избирачки места низ земјава од 23.720 запишани члена гласале 18.140 или 76,5% од запишаните. Од нив 18.001 член гласал за Филипче, а неважечки се 131 ливче.
Филипче се заблагодари за довербата на членовите и посочи дека се подготвуваат за локалните избори, како и за борба со Владата. Тој и порача на Владата дека СДСМ е силна, спремна и консолидирана, дека се враќаат на победничките патеки.
-Ова не е само моја победа, туку заедничка победа, на сите членови на СДСМ кои искрено веруваат во правичноста, напредокот, еднаквоста. Тоа што добив дупло повеќе гласови од претходниот пат е потврда дека нашата интензивна работа дава резултат. Ова е доказ дека изборниот процес не е технички организиран, туку членовите веруваат во нашите политики. И така ќе продолжиме, секоја идеја ќе биде добро анализирана, секој ќе биде слушнат, а ако е добра ќе биде вградена во нашите политики. – рече Филипче.