Со поддршка на ЕУ формирана Национална платформа за борба против еколошки криминал и злоупотреби на културното наследство
Од Царинската управа информираат дека со поддршка на Европската Унија, потпишани се Меморандуми за соработка со што е поставена основата за функционирање на Национална меѓуинституционална платформа која ќе обезбеди ефикасна борба против еколошки криминал и криминални дејства против културното наследство.
-Културното наследство и животната средина се темелни вредности што го обликуваат нашиот идентитет и влијаат на квалитетот на животот при што секој обид за нивно уништување не е само напад врз природата и историјата, туку и закана за нивната заштита и одржливост. Ваквите криминали често имаат лукративен карактер и се поврзани со корупција и перење пари, што ја нагласува потребата од силен институционален одговор. Преку системска соработка овозможуваме размена на информации, координирани истраги и поефикасен кривичен прогон, изјави директорот за контрола и истраги Влатко Лакордов.
Инаку, завршниот настан во рамки на Твининг проектот „Зајакнување на институционалните капацитети во справувањето со кривични дела против културното наследство и животната средина“ е резултат на сплотеноста на институциите, силната поддршка од ЕУ и партнерство со Корпусот на карабинери на Италија, чие искуство и експертиза имаат значаен придонес врз зајакнување на институционалните капацитети.