Skip to main content

Го одбележуваме Први Мај, меѓународниот ден на трудот

Денот на трудот е меѓународен празник кој се одбележува на 1 мај и е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците.
 |  инфодеск  | 

Денот на трудот е меѓународен празник кој се одбележува на 1 мај и е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците.

Се празнува на првиот ден од мај во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго. Целта на штрајкот на околу 40.000 работници била да се издејствува воведување осумчасовен работен ден.  Полицијата употребила сила и имало жртви. Организаторите на штрајкот биле изведени на суд, а  четворица од нив биле погубени.

Во спомен на жртвите од чикашкиот штрајк, Втората интернационала на својот основачки конгрес во 1889 година во Париз донела декларација со која работниците се повикуваат на масовни демонстрации на 1 мај за да ја подобрат својата положба. Оттогаш празникот е манифестација на класната солидарност на работничката класа во светот.

Следбеници на иницијативата се работничките синдикати. Во Македонија синдикалните почетоци датираат од 1908 година кога е формиран првиот легален Синдикат на чевларските работници.
Први мај  е државен празник во повеќе земји во светот. До 2006 година во Македонија тој се празнуваше два дена, на 1 и 2 мај, но сега денот на трудот се празнува само еден ден.

Иако вообичаено кај нас овој ден се користи и за излети во природа, Синдикатот на вработените во сите дејности на културата повика на Првомајски синдикален протест кој треба да започне во 11 часот, пред Работничкиот дом. ССМ треба да излезе со директни барања за покачување на минималната плата на 500 евра, додека Конфедерацијата на слободни синдикати нема да се придружи, бидејќи веруваат дека предизвиците може да се решат само со социјален дијалог.