20.629 граѓани од дијаспората ќе можат да гласаат
Гласачкото право ќе можат да го остварат во 41 дипломатско-конзуларни претставништва
Државната изборна комисија утврди дека по завршувањето на рокот за поднесување на пријави за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, односно конзуларните канцеларии, од вкупно поднесени 21.029 пријави, 20.629 граѓани ги исполнија законските услови и нивните пријави беа прифатени.
Со оглед дека за гласање во Токио, Њу Делхи, Атина, Астана, Каиро, Киев, Талин, Тел Авив и Солун се пријавиле по помалку од 10 граѓани, во овие девет дипломатско-конзуларни претставништва гласањето нема да се спроведе.
На предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември 2016 година, 20.591 граѓани своето гласачко право ќе можат да го остварат во 41 дипломатско-конзуларни претставништва на Република Македонија во странство, односно конзуларни канцеларии, и тоа: Берн, Венеција, Детроит, Њујорк, Мелбурн, Рим, Љубљана, Виена, Торонто, Камбера, Чикаго, Берлин, Бон, Минхен, Париз, Белград, Копенхаген, Брисел, Лондон, Хаг, Стокхолм, Истанбул, Подгорица, Прага, Загреб, Осло, Тирана, Вашингтон, Анкара, Абу Даби, Отава, Приштина, Софија, Будимпешта, Сараево, Доха, Букурешт, Москва, Варшава, Пекинг и Мадрид.
Имајќи го предвид големиот број на пријавени гласачи во Берн (4256) и Венеција (2724), Државната изборна комисија одлучи во Берн да бидат отворени дополнителни три, а во Венеција дополнителни две избирачки места.