Skip to main content

Граѓаните гласаат на седми претседателски и единаесетти парламентарни избори

Избирачите ќе можат само еднаш да пристапат на гласачкото место и да го остварат избирачкото право на денешните двојни избори.
 |  инфодеск  | 

Граѓаните на Република Македонија денеска гласаат на вториот круг од седмите претседателски и единаесетти парламентарни избори.

На вториот круг од претседателските избори, ќе се натпреваруваат двајца кандидати, а право на глас имаат 1.814.317 избирачи. 

На парламентарните избори 1.815.350 граѓани со право на глас имаат можност да гласаат за 17 политички субјекти, односно за 11 политички партии, 5 коалиции и една независна листа од група избирачи со 84 листи на кандидати.

Се гласа на 3.480 избирачки места, а идентификацијата на гласачите ќе се врши со т.н. читачи на отпечатоци од прсти. Избирачите во текот на денот ќе можат само еднаш да пристапат на гласачкото место и да го остварат избирачкото право. Претходно гласачот ќе биде прашан – дали сака да гласа за претседателските, за парламентарните или за двата изборни процеса?

Во канцеларијата на Народниот правобранител од 07:00 до 19:00 часот ќе може да се пријави каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321. 

Акредитирани 1.303 домашни и 860 странски набљудувачи ги следат денешните двојни избори.