Граѓаните ќе купуваат поевтино јужно овошје зимава
Владата на седница одржана утринава донела одлука за зголемување на квотите за увоз на јужно овошје во земјава, кажа Министерот за економија Крешник Бектеши во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24.
„Зголемени се квотите за увоз на јужно овошје – лимони, портокали, мандарини и слично и оваа зима граѓаните ќе имаат многу пониски цени на овие производи. Наместо квота од 8 000 тони, ќе се зголеми за дополнителни 2 000 тони до крајот на годината и зимава ќе имаме многу пониски цени на јужното овошје“- кажа Бектеши.
Министерот објави и дека Владата донела одлука за намалување на царинските давачки за увоз на овошје и зеленчук од 65, 55 и 45 проценти на 10 отсто. Оваа одлука нема да важи за доматите, краставиците и пиперките.
Mерките што ги донесе Владата стартуваат по нивно објавување во Службен весник.
Одлуката за зголемените квоти за увоз на јужно овошје ќе трае до 31 декември годинава, а за намалување на царинските давачки до 28 февруари 2024 година.