Skip to main content

Образование

Грант од 3 милиони евра за македонското образование

Со грант тежок три милиони евра, неповратни средства, ќе се реконструираат околу триесет постоечки училишта и спортски сали во земјавa.
Грант образование

Македонската образовна инфраструктура ќе се подобри со помош на финансиска инјекција тешка три милиони евра, од Банката за развој при Советот на Европа. Ова го изјави на денешната прес конференција министерот за Образование и наука, Јетон Шаќири.

За нас како земја во развој, со прилично ограничен буџет, овој износ е многу значајна поддршка. И уверувам дека средствата правилно ќе бидат искористени и во интерес на децата. Согласно анализата која МОН ја направи во изминатиот период која покажа во кои училишта е најприоритетно да се вложи за да се обезбедат подобри услови за часови по спорт, но и за рекреација по завршување на наставата – кажа Шаќири.

Средствата ќе бидат вложени во училишта и од урбаните и од руралните средини. Грантот во целост треба да се реализира до крајот на 2024 година. Како држава немаме обврска да ги вратиме овие средства. Плановите за реализација на проектот се амбициозни, а рокот е краток, истакна Стефан Худолин, претставник на делегација ЕУ во земјава.

Ние ќе обрнеме посебно внимание и впрочем тоа ќе ни биде висок приоритет. Да обезбедиме еден инклузивен пристап во користењето на грантот. Ова е особено важно за децата со посебни потреби. За тие сега да можат непречено да ја користат реновираната инфраструктура. Тука нема да завршиме, со опремувањето и реконструирањето на објектите, истите ќе треба и да се одржуваат. Односно земјата треба да изнајде средства во иднина да ги одржува тие објекти. Поточно одржливоста на овој проект е многу важна – објасни Худолин.

Томас Бошек, Вице гувернер на Банката за развој при Совет на ЕУ не го криеше задоволството., посебно поради тоа што е обезбеден пристап до овој грант тежок три милиони евра. Инаку, ова е како дополнување на заемот тежок 30 милиони евра. Заем кој претходно Банката за развој при Совет на ЕУ го обезбеди за образовниот сектор во Македонија.

Овој проект веќе ја подобри образовната инфраструктура за повеќе од 100 000 ученици. Па така подобрувањето на пристапот до образованието и подобрувањето на резултатите од образовниот процес се топ приоритет на Банката за развој при Совет на ЕУ. Со задоволство ќе ја продолжиме соработката со властите од вашата земја на полето на образованието – подвлече Бошек.

Земји донатори се Шведска, Норвешка, Австрија и Германија. Со парите ќе се реконструираат околу триесет постоечки училишта и спортски сали во земјава. Ќе се набави и спортска опрема за педесет спортски сали.