Груби се повлекува од јавниот живот бидејќи бил „чист како солза“
Артан Груби, поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ, вчера објави дека се повлекува од политичкиот живот. Одлуката ја соопшти преку социјалните мрежи, каде што објасни дека за својата одлука веќе го информирал лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Во својата објава тој побара поддршка за „работата и посветеноста на Ахмети“.
„Се залагав за еднаквоста на Албанците во Македонија, интеграцијата во НАТО, стратешкото партнерство со САД и членството во Европската Унија. Овие вредности не се само моја лична мотивација, туку и должност која отсекогаш сум ја чувствувал. Нашите заеднички достигнувања не се само резултат на мојата и на посветеноста на моите колеги, туку и на искрената поддршка од нашите пријатели од САД и Европската Унија.“ – напиша Артан Груби во својата објава.
Американскиот Стејт департмент ги посочи Груби и судијата Енвер Беџети за примање поткуп во врска со предмети против екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков.
„Ние не ја оспоруваме одлуката на Стејт департментот, но Артан Груби ќе се брани со факти и ќе ја искористи можноста за жалба.“ – изјави Али Ахмети, лидер на ДУИ, коментирајќи ја состојбата по објавувањето на црната листа.