Идната недела треба да почне враќање на првите пациенти што се лекуваат во странство, Владата ќе ги покрие сите трошоци

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска изјави дека веќе идната недела треба да почне враќање во Македонија на првите пациенти што се лекуваат во странство од повредите во пожарот во Кочани. Прво ќе се враќаат оние кои се во добра здравствена состојба, изјави Муцунски.
-Лично ги посетив болниците во 6 држави, разговарав со нивните семејства, со медицинскиот персонал и со моите колеги министри. Благодарност до сите партнери за солидарноста и човечноста. За кратко, во МНРНТ ќе се одржи координативен состанок за подготовка на следните чекори околу враќањето на пациентите и нивните семејства, додаде Муцунски.
Во болници во 14 европски земји се лекуваат 116 пациенти повредени во пожарот на концертот во Кочани. Од нив, 38 се пратени на лекување преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој Владата го активирала веднаш по несреќата, а останатите се пратени преку директна билатерална помош.
На денешната прес-конференција тој изјави и дека трошоците за лекувањето во странство се покриени од државите домаќини, а трошоците за пат, сместување и целокупната логистика за семејствата на пациентите ги покрива македонската Влада.
-Не е лошо што граѓаните помагаат, но треба да знаат и дека државата мисли на секој поединечен трошок што може да настане во оваа исклучително тешка ситуација и она што е наша обврска како влада, располагајќи со буџетот од граѓаните, не смееме да дозволиме овој дел од процесот – од медицинското лекување до сите логистички трошоци и трошоци за патување, да бидат средства собрани од донации. Но, не треба да се запостави хуманоста на граѓаните и секој кој сака да помогне треба да го најде соодветниот канал за кој мисли дека е најдобар да помогне, рече Муцунски, додавајќи дека и трошоците за враќањето, целата логистика и се што ќе биде потребно исто така ќе биде организирано.
Пациентите во Македонија генерално се лекуваат од изгореници, некои од скршеници за кои бил потребен оперативен зафат, но и од изгореници на слузокожата на дишните патишта и токсичност.
