Skip to main content

ИЈЗ: Лицата над 65 години да не излегуваат од 11 до 17 часот поради топлотниот бран

Според ИЈЗ, лицата над 65 години се една од ризичните категории на населението, бидејќи со возраста организмот потешко се приспособува на високите температури. Дополнителен ризик претставуваат хроничните заболувања и терапијата што ја користат дел од повозрасните лица, бидејќи одредени лекови можат да влијаат врз реакцијата на организмот на топлина.
 |  инфодеск  | 

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира до лицата над 65 години да избегнуваат излегување и изложување на сонце во периодот од 11 до 17 часот поради високите температури и топлотниот бран.

Според ИЈЗ, лицата над 65 години се една од ризичните категории на населението, бидејќи со возраста организмот потешко се приспособува на високите температури. Дополнителен ризик претставуваат хроничните заболувања и терапијата што ја користат дел од повозрасните лица, бидејќи одредени лекови можат да влијаат врз реакцијата на организмот на топлина.

Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), продолжува периодот на сончево и многу топло време, со температури кои на места ќе достигнуваат и до 40 степени Целзиусови. Високите температури ќе се задржат и во текот на ноќта.

Препораки за лицата над 65 години

ИЈЗ препорачува повозрасните лица да ги почитуваат следните мерки:

  • Да избегнуваат изложување на сонце, како и работа и физичка активност на отворено, од 11 до 17 часот.
  • Да носат лесна, светла и широка облека, очила за сонце и капа или шешир со широк обод. При изложување на сонце да користат заштитен фактор SPF 30 или повисок.
  • Да внесуваат доволно течности и да не чекаат да почувствуваат жед. Се препорачува избегнување алкохол и ограничување на пијалаците со кофеин. Лицата на кои лекар им го ограничил внесот на течности треба да се консултираат со лекар за потребната количина во периодот на високи температури.
  • Да ја одржуваат пријатна температура во домот и да избегнуваат негово дополнително загревање. Во најтоплиот дел од денот да користат ролетни и завеси, а просториите да ги проветруваат кога надворешната температура е пониска.
  • Доколку користат клима-уред, да избегнуваат прекумерно разладување и нагли температурни промени.
  • Да избегнуваат користење шпорет, рерна и други уреди кои го загреваат домот, особено во периодот од 13 до 17 часот.
  • Редовно да го разладуваат телото со млака или посвежа вода, влажни крпи и престој во најладниот дел од домот или во климатизирана просторија.
  • Лицата со хронични заболувања редовно да ја земаат пропишаната терапија и да не ја менуваат или прекинуваат без консултација со лекар. При влошување или промена на здравствената состојба, потребно е да се консултира матичниот лекар.
  • Да одржуваат редовен контакт со семејството, пријателите и соседите. Особено за оние кои живеат сами, важно е блиските редовно да проверуваат како се чувствуваат за навремено да се забележат евентуални промени во здравствената состојба и да се обезбеди помош доколку е потребно.

Од ИЈЗ потсетуваат дека високите температури можат сериозно да влијаат врз здравјето, особено кај повозрасните лица, поради што се препорачува навремено преземање мерки за заштита и избегнување непотребно изложување на топлина.