Skip to main content

Умерено да се јаде и пие за празниците

Празничните прослави често носат со себе доцни оброци и поголем внес на храна со висока енергетска вредност, што може негативно да влијае на метаболизмот и да предизвика дигестивни проблеми
 |  инфодеск  | 

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави јавно-здравствени препораки за граѓаните, за време на новогодишните и божиќните празници, со цел да се намали ризикот од здравствени проблеми поврзани со празничните навики, како што се прејадување, прекумерна употреба на алкохол и несигурна употреба на пиротехника.

„Празничните прослави често носат со себе доцни оброци и поголем внес на храна со висока енергетска вредност, што може негативно да влијае на метаболизмот и да предизвика дигестивни проблеми. ИЈЗ советува да се планираат оброците така што најголемите оброци се јадат 3–4 часа пред спиење, да се избегнува комбинирање на големи порции висококалорична храна во еден оброк, лицата со хронични заболувања, како кардиоваскуларни или метаболни проблеми, да бидат особено внимателни со изборот и времето на оброците“, наведено е во препораките на ИЈЗ.

Институтот предупредува и дека прекумерното пиење алкохол може да доведе до акутни здравствени состојби и повреди. Препораките вклучуваат консумирање алкохол во умерени количини и само за време на оброци, за да се намалат негативните ефекти.

„Никогаш не управувајте возило под дејство на алкохол, лицата кои земаат редовна терапија или имаат посебни здравствени услови треба да разговараат со својот лекар пред консумација, а бремени, малолетни, хронично болни целосно да избегнуваат алкохол“, стои во препораките.

Во врска со употребата на петарди и пиротехнички средства за време на празниците, Институтот за јавно здравје посочува да не се дозволува на деца и малолетници да ракуваат пиротехника.