Skip to main content

ИЛИНДЕН-Нека ни е честит празникот македонци!

Граѓаните на Република Македонија денес го слават Денот на Републиката 2 Август, споменот на двата историски Илиндена, 118 години од Илинденското востание и 77 години од Првото заседание на АСНОМ.

 |   | 

Граѓаните на Република Македонија денес го слават Денот на Републиката 2 Август, споменот на двата историски Илиндена, 118 години од Илинденското востание и 77 години од Првото заседание на АСНОМ.

Денес, илинденската традиција е испреплетена со патриотски, фолкорни и религиски симболи, што го прави Илинден еден од најважните празници во Македонија. Покрај тоа верниците денес го слават и големиот православен празник посветен на Св. Илија (Громовникот).

Во 1903 година почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската република.

Идејата од 1903 година и Крушевската Република, како прва Република на Балканот, која траеше само десет дена, станаа стварност со АСНОМ во 1944 година, повторно на Илинден, во манастирот „Свети Прохор Пчињски“ кај Куманово. Четириесет и една година подоцна, 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија.

Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто. Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.