Skip to main content

Заедничка иницијатива на Грција, Македонија и Албанија за впишување на Преспанско Езеро на Листата на УНЕСКО

Според весникот Катимерини следниот петок, грчката општина Преспа, ќе биде домаќин на средба на министрите за култура на трите земји, на која ќе присуствува и амбасадорот на ЕУ во Скопје Михалис Рокас, а целта е да се испланираат следните чекори.
 |  инфодеск  | 

По неодамнешното впишување на Олимп на Листата на светско наследство на УНЕСКО, Грција се стреми во каталогот да го вклучи и Преспанското Езеро, на границата со Албанија и Северна Македонија. Во иницијативата, што Грција ја започна во 2014 година, овојпат како сојузници ги има двете соседни земји, со кои го дели прекрасното езеро и заеднички ја промовираат иницијативата, со поддршка и од Европската Унија, пишува весникот Катимерини во текстот насловен „Голема Преспа: Сојуз со цел да се вклучи во УНЕСКО“.

Според весникот, следниот петок (9 октомври) , грчката општина Преспа, ќе биде домаќин на средба на министрите за култура на трите земји, Лина Мендони, Бленди Гонџа и Седат Сулејмани, на која ќе присуствува и амбасадорот на ЕУ во Скопје Михалис Рокас, а целта е да се испланираат следните чекори.

Весникот потсетува дека идејата за впишување на Преспанското езеро на Листата на светско наследство на УНЕСКО не е нова. Барањето за првпат беше формулирано од грчката страна на 16 јануари 2014 година, кога официјално беше поднесено на „индикативната листа“ – почетната фаза од поднесувањето на целокупното досие – и се однесуваше на „мешан споменик“, односно природно (вода, биодиверзитет итн.) и културно наследство, поради прекрасните византиски и поствизантиски споменици.

Сега, на иницијатива на министерката за култура на Грција Лина Мендони, „прашањето е надградено на агендата и на Министерството и на грчката Влада, со предлог кандидатурата да се промовира заеднички со Албанија и Северна Македонија“.