Изгласани новите законски измени за тротинетите: Забрана за возење за лица под 18 години, без сопатници и трезни

Собранието ги усвои измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои се воведуваат построги правила за користење на електричните тротинети и се заострува казнената политика за прекршителите. Измените беа донесени по скратена постапка во рамките на 106. седница и се однесуваат на регулирање на учеството на електричните тротинети во сообраќајот.
Со новите законски решенија се редефинира поимот „лесно електрично возило“, при што се земени предвид искуствата од повеќе земји во регионот, како и појавата на нови видови возила на пазарот, меѓу кои се и електричните тротинети.
Инаку, со донесувањето на измените, максималната брзина на електричните тротинети сега е ограничена на 20 километри на час, наместо досегашните 25. Законот воведува и задолжително користење на заштитен шлем, а при ноќно возење и носење рефлектирачки елек.
На лицата под 18 години целосно им се забранува управувањето со електричен тротинет, а се заострува казнената политика за сторителите на прекршоците предвидени во Законот.
„Возачот на лесно електрично возило не смее да управува со возилото на начин на кој се намалува стабилноста на возилото и ја попречува или загрозува безбедноста на другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да вози на едно тркало, да превезува, да влече или турка предмети и слично…Возачот на лесно електрично возило не смее да превезува други лица, односно не смеат да се превезуваат други лица за време на управувањето со возилото…Возач на лесно електрично возило не смее да управува со возилото во сообраќајот на патот, ниту да започне да управува со возилото ако во организмот има алкохол или ако покажува знаци на алкохолна растроеност“, се наведува во дел од одредбите кои сега влегуваат во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.
Во наредниот период се очекуваат и засилени контроли од сообраќајната полиција, особено во урбаните средини каде што електричните тротинети се најзастапени.







