Изложба на Мирослав Масин во Ел Греко
Во сабота во Галеријата „Ел Греко“ во Скопје ќе биде отворена самостојна изложба на Мирослав Масин.
Мирослав Масин уметничката кариера ја започнува повлијаен од експресионизмот на Петар Мазев, а под менторство на Димитар Кондовски, Родољуб Анастасов и Душан Перчинков, за кои иако различни во пристапот, вели дека биле одлична комбинација и рамнотежа на ред, конзистентност, слобода и ерудитство. Уште од најраните уметнички инспирации се следат анималните тематики, а пред се птици, кои се провлекуваат низ целиот негов опус. Тие се мотив и за последната негова голема изложба во МАНУ, 2019 година „Подобро на гранка, одошто заглавен во лифт“ пропратена со слоганот „Ќе летаат пердуви“, а истите се актуелни и во неговиот последен циклус цртежи кој рецентно се изложува во галеријата „Ел Греко“.
Френетичниот и динамичен, но сигурен цртеж е постојано присутен во неговите дела како скелет, структура и база во неговите композиции. Вториот мошне значаен елемент во неговото творештво е и заситената, интензивна и експресивна боја која во овој циклус го нема приматот. Тука, таа е само монохроматски присутна, во еден тон, кој дава колористички акцент и симболична асоцијативност.
Најновиот циклус птици се одликува со едноставност, црно бел цртеж, репетитивен систем на пристап кон тематот, но различна „акцијата“ на линеарно обликуванaта птица. Трансформациите, асоцијациите и симболиката на ликовните елементи и концепцијата ја чинат композицијата во делата на Масин да биде динамична, концентрирана, надреална, експлозивна, забавна, потсмевлива, цинична. Овојпат внимавајте, не летаат пердуви, „паѓаат јајца на око“ – велат од Галерија „Ел Греко“ за изложбата на Мирослав Масин.