Изложбата „105 години Требениште“ ќе биде поставена во Националниот археолошки институт и Музеј во Софија
Владата на денешената седница ја разгледа и усвои и Информацијата од Министерството за култура за реализација на меѓународната изложба „105 години Требениште“ во Националниот археолошки институт со Музеј при БАН во Софија.
“Националната установа Археолошки музеј на Република Северна Македонија, во соработка со Националниот археолошки институт со Музеј во Софија, Република Бугарија и со Народниот музеј на Србија во Белград, ја организираше меѓународната изложба со наслов „100 години Требениште“, којашто се одржа во Скопје од февруари до август 2019 година, по што е договорено продолжување на соработката во рамките на овој проект.” – стои во соопштението од владината прес служба.
Требениште, како што е посочено во образложението од ресорното министерство е прв и можеби единствен пример на локалитет што е истражуван од три земји, промовиран преку три музеи, од Скопје, Белград и Софија, а изложбената поставка содржи предмети што се поврзуваат со животот крај брегот на Охридско Езеро уште од VI до IV век пред нашата ера и коишто ја покажуваат хронологијата на досегашните истражувања на некрополата Требениште.
Изложбата содржи околу 400 исклучителни експонати, меѓу кои и Златните маски што се чуваат со децении во музеите во Белград и во Софија, откриени на познатата некропола Требениште. Автори на изложбата се Перо Арџанлиев од Скопје, Вера Крстиќ од Белград и Крсто Чукалев од Софија. Таа е придружена и со каталог со 408 страници со текстови од 26 автори – музејски работници од трите држави, како и од Чешка и од Германија. Содржи детални податоци за секој од експонатите, за историјатот на откривањето и истражувањата, географијата и историографските податоци за носителите на требенишката култура и регионот во архајскиот период, како и за типолошко-стилските одлики на наодите.