Skip to main content

Измените на Законот за кривична постапка носат клучна улога за Јавниот обвинител

Со новите измени во Законот за кривична постапка , клучна улога во истрагите добива јавниот обвинител, додека пак се намалува улогата на судот во истрагата, односно се укинува функцијата Истражен судија.

sudija
судија

Со новите измени, кои стапија во сила од вчера, се гарантира поголема ефикасност и мобилност на органот на прогонот во гонењето на сторители на кривичните дела.

sudijaОвие измени имаат за цел да ги направат обвинителите подостапни за граѓаните, да ги отстранат политичките влијанија и пред се’ да им гарантираат правичен пристап на странките во постапката.

Од вчера, според новите измени во Законот за кривичната постапка, главната улога му се доверува на јавниот обвинител, и тој ќе ја води со помош на правосудната полиција. Функцијата Истражен судија се укинува и место него се воведува судија на претходна постапка, кој во текот на претходната постапка одлучува за слободите и правата на обвинетиот во случај пропишан со Уставот на Република Македонија.

Според експертите овие измени ќе резултираат со зголемен степен на ефикаснот во судската постапка.

Републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски, очекува дека со Новите измени на Законот за кривична постапка ќе се забрза постапката со што сторителите на делата ќе паднат побрзо во рацете на правдата.

„Ќе се забрза постапката затоа што се одзема едно скалило, односно истражниот судија, а тоа значи дека јавниот обвинител директно ќе се вклучи во истрагата и собирањето докази“, појасни Зврлевски за Нетпрес.

Тој додаде дека јавните обвинители во Македонија се целосно подготвени за новата значајна улога која ја добија од вчера и дека поминале низа обуки и едукации бидејќи измените во Законот се донесени пред три години, а поради одредени одложувања сега стапуваат во сила. Зврлевски вели дека дека сите дилеми и евентуални проблеми ќе се решаваат заеднички.

Според Републичкиот јавен обвинител најголема придобивка од Новиот закон за кривична постапка е можноста за договарање и признавање на вина, што ќе доведе до побрзо решавање на кривичните дела.

„Главната цел на овој закон е да профункционира спогодувањето, односно минимум 50 отсто од постапките да завршат со спогодба. Оваа пракса веќе се применува во повеќе земји како што САД, Англија, Хрватска, Босна и Херцеговина…“, вели во изјава за Нетпрес, адвокатот Јордан Апостолски, нагласувајќи дека со овие законски измени целата истрага паѓа на товар на обвинителите.

Тој очекува зголемување на ефикасноста на системот за примената на овој закон иако, како што нагласи, постојат и одредени слабости во истиот.

Адвокатот Атанас Аврамовски за Нетпрес вели дека овие законски измени се направени за да помогнат во решавање на кривичната постапка, но од негово лично искуство тој додава дека оправданоста на Измените ќе се согледа по нивна примена во пракса.

Целта на Законот е да се модернизира кривичната постапка во согласност со европските текови и да се зајакне ефикасноста на казненоправниот систем и со измените се воведуваат сосем нови улоги и одговорности на сите субјекти вклучени во кривичната постапка.

{loadposition content9}