Skip to main content

Министерот Јакупи на 14. конференција на ОН за климатските промени

Делегација на Министерството за животна средина и просторно планирање, предводена од министерот Неџати Јакупи, денеска и утре ќе учествува на 14-та Конференција на страните кон Рамковната Конвенција на ОН за климатски промени, која се одржува во Познан, Полска.

 |   | 
Nejati Јakupi
Неџати Јакупи
Делегација на Министерството за животна средина и просторно планирање, предводена од министерот Неџати Јакупи, денеска и утре ќе учествува на 14-та Конференција на страните кон Рамковната Конвенција на ОН за климатски промени, која се одржува во Познан, Полска.

Како што соопшти МЖСПП, министерот Јакупи на Конференцијата ќе има свое обраќање, а на маргините на настанот, ќе реализира и бројни билатерални средби.

Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC) е еден од најважните договори во областа на животната средина. Таа ги поставува основните принципи за меѓународни активности во доменот на борбата со глобалното затоплување на климатскиот систем.
Текстот на Конвенцијата беше договорен во мај 1992 година на Светскиот самит во Рио де Жанеиро. Заклучно со септември 2008 година, потпишан е од 192 земји. Главната цел на Конвенцијата е да ги промовира и поддржува меѓународните активности против глобалните климатски промени.

Главното тело на UNFCCC е Конференцијата на страните (СОР). Овогодинешната конференција е 14-от последователен состанок. Паралелно се одржува и четвртиот Состанок на страните на Протоколот од Кјото.

Poznan Самитот на СОР е најпрестижниот форум на политичка дебата во врска со климатските промени. На самитот во Познан ќе присуствуваат повеќе од 190 официјални делегации предводени од министри за животна средина или климатски промени што ќе ги претставуваат своите влади, како и претставници од меѓународни, еколошки и невладини организации, бизнисот и медиумите.

Дебатата за време на Конференцијата ќе биде фокусирана на четири точки – намалување на емисиите на стакленички гасови, приспособување кон климатските промени, трансфер на технологија и финансирање. Дискусијата ќе ја опфати и т.н. заедничка визија за натамошна кооперативна активност и долгорочната цел за глобално намалување.
СОР 14 е многу важен чекор во процесот на преговарање кој има за цел основање на меѓународна глобална климатска спогодба, која треба да биде претставена и прифатена на СОP 15 во Копенхаген во 2009 година.

 

{loadposition content9}