Католиците го слават Велигден
Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов им го честиташе празникот на католичките верници
Католиците денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.
Традиционално во Македонија, централното одбележување по повод празникот се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше велигденска воскресна литургија.
Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов им го честиташе празникот на католичките верници и ја прочита велигденската порака.
„Ние, верниците христијани, кои сега во Европа веќе се чувствуваме како малцинска вера, како да е нашиот Исус сега толку изморен, имаме желба да му останеме верни и затоа сè уште нашите Марии Магдалени и по некој Јосиф Ариматеец се трудат околу тоа тој да биде достојно измиен, помазан и погребан. Денес ретко Црквите се извор на радосни песни. Проблем е што низ историјата и недоследниот живот на христијаните е потпрен голем камен што сега се плашиме кој ќе ни го тргне. Секојдневно сведоци сме како на посебен начин преку медиумите, во еден свет на прогонства, Црквата е во опасност од уништување. Во многу делови на светот на Црквата ѝ е натоварен голем камен како Таа веќе да е во гробот. Но, не е така. И во сегашниот миг, кога славиме го славиме воскресението, можеме да се увериме дека Бог, преку својот ангел го трга каменот од вратата на Црквата, како и каменот кој е на вратата на нашите срца“, порача Стојанов.