Skip to main content

Министерство за економија

Ќе продолжи ли летното сметање на времето?!

Со цел заштеда на електрична енергија, Владата размислува годинава да го задржи летното сметање на времето.
 |  инфодеск  | 
Зимско сметање

Можно е оваа година да го задржиме летното сметање на времето кое требаше да заврши на 30 октомври годинава. Доколку го задржиме летното сметање на времето тоа би значело дека последниот викенд од октомври (ноќта од саботата кон неделата) нема да ги поместиме стрелките на часовникот за еден час наназад.

Ваквата можност ја најави Владата по денешната седница.

На денешната владина седница, задолжено е Министерството за економија да ги разгледа можностите околу евентуално продолжување на примената на летното сметање на времето, со цел дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија – соопштија од Владата.

Во пракса тоа би значело дека во зимските месеци ќе се разденува еден час подоцна, но и денот ќе трае подолго, па наместо да почне да паѓа мрак, на пример, во 16 часот, ќе се стемнува во 17.

На владината седница се усвоени и нов сет со антикризни мерки во вредност од 350 милиони евра за ублажување на енергетската криза и ценовниот притисок, како План за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст со политики, препораки, мерки и индикатори.