Skip to main content

Ќе се менува Законот за ДДВ: нема повеќе ослободување од данок на пратките од странство до 22 евра

Владата предложи измена на Законот за ДДВ: ќе се оданочуваат и онлајн пратките од странство под 22 евра.
 |  инфодеск  | 
A collection of cardboard boxes and paper bags on a patterned rug in a home setting.

Владата го достави до Собранието Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, со кој се предлага укинување на досегашното ослободување од плаќање ДДВ при увоз на пратки со мала вредност до 22 евра, испорачани од странство кон домашни примачи.

-Предложената законска измена е со цел да се избрише ослободувањето од данок на додадена вредност за увоз на пратки со мала вредност испорачани од странство за примачи во земјата чија вкупна вредност по пратка не го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност, а се пропишува ослободување од плаќање данок на додадена вредност за добра пратени како мали пратки од некомерцијална вредност, од физичко лице на физичко лице, чија вредност не надминува 22 евра. Ослободувањето не се применува за алкохол и алкохолни пијалаци, парфеми и тоалетна вода и тутун и преработки од тутун, се наведува во Предлог-законот.

Иако Предлог-законот е веќе поднесен во Собранието, поради тековните локални избори не може да се стави на гласање во овој момент. Според најавите од Министерството за финансии, се очекува измените да бидат разгледани и изгласани на собраниска седница кон средината на ноември, веднаш по завршувањето на изборниот процес.

Со укинувањето на ДДВ-ослободувањето, најголем товар ќе падне врз малите пратки од онлајн продавници како Temu, Shein, AliExpress и други слични сервиси, од каде што македонските купувачи најчесто порачуваат поевтини артикли под вредност од 20 евра. Досега овие пратки се увезуваа без дополнителни трошоци, но со новите измени, ќе мора да поминат царински процедури и да се пресмета данок на додадена вредност, што ќе ја зголеми вкупната цена за потрошувачите и потенцијално ќе го намали интересот за купување преку овие платформи.