Skip to main content

Ќе се пуши ли за Нова Година?!

Угостителите се согласни да плаќаат и дополнителна лиценца за објекти каде што може да се пуши, но власта не попушта. Само во последниот месец се изречени 120 казни за непочитување на законот за забрана на пушење.

 |  Маја Савиќ  | 
pushenje
пушење
Засилени контроли низ угостителите објекти за време на празниците најавува Пазарниот инспекторат за да утврди дали и колку се почитува забраната за пушење. Една година по донесувањето на Законот граѓаните и угостителите се поделени за ефектите на веројатно најкритикуваниот правен акт досега. Според нив Законот бил целосно промашување и селективно се применувал. Но власта не попушта.
pushenje
– Нема олабавување. Ниту еден празник не може да биде над Законот. Тој важи и во делници и во празници. За Нова година ќе има и повеќе инспектори на терен, бидејќи кога има поголема потрошувачка има и повеќе претставки – ни изјави Елизабета Чингароска, директорка на Државниот пазарен инспекторат.

Владата неодамна ги заостри казните за пушење на недозволени места. Со најновите измени, освен паричните казни, за непослушните кафеанџии се предвидува и привремено затворање на објектот во кој се пуши. Истовремено за непочитување забрана за пушење на правното лице му следува казна од 2.000 до 4.500 евра, за одговорното лице од 500 до 1.000 евра, додека за пушачот казната изнесува 100 евра на самото место.

Од Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија нагласуваат дека Законот тешко се имплементира, во казината воопшто не се спроведува, ниту, пак, е намален бројот на пушачи во земјата. Угостителите се согласни да плаќаат и дополнителна лиценца за да може да се пуши во објектите, со што и државата ќе собере повеќе приходи. За угостителските капацитети, пак, поголеми од 100 квадратни метри предлогот е да има одвоени простории за пушачи и за непушачи.
{loadposition content9}