Skip to main content

Проект вреден 186 милиони евра

Ќе се реновира ски-центарот Попова Шапка

Инвеститорот со кого ќе треба да се склучи договор за давање под концесија понудил проект вреден 186 милиони евра.
 |  инфодеск  | 
утринава најстудено на Попова Шапка

Италијанската фирма „ТехноАлпин“ од Болцано ќе го реновира и ќе стопанисува со ски-центарот Попова Шапка. На вчерашната владина седница е прифатен предлог проектот за стратешка инвестиција во ски-центарот Попова Шапка, соопшти Министерството за животна средина.

Фирмата „ТехноАлпин“ е светски лидер во производство и инсталирање на системи за вештачки снег, признат експерт за дизајн на скијачки терени и скијачки зони, со 30-годишно искуство. Опслужува над 24000 муштерии во над 50 земји. Има над 700 вработени на 16 локации ширум светот.

Попова Шапка

Министерот за животна средина Насер Нуредини вели дека со оваа инвестицијата Попова Шапка ќе стане реномиран ски-центар каков што заслужува да биде.

Станува збор за голем инвестициски проект што е резултат на нашите напори да ги заштитиме природните вредности, но и да обезбедиме развој. Оваа компанија по направеното истражување понуди амбициозен план за развој, иновации и раст на ски-центарот Попова Шапка кој се карактеризира со модернизација на постоечката ски зона и нејзино територијално проширување, подобрување на примарната инфраструктура и туристичко сместувачката дејност – вели Нуредини.

Инвеститорот со кого ќе треба да се склучи договор за давање под концесија понудил проект вреден 186 милиони евра.

Проектот вклучува реновирање на постојните капацитети, поставување на систем за правење снег, проширување на постојната скијачка зона со нови објекти и патеки, реновирање и проширување на хотелите, изградба на нови хотелски капацитети, изградба на паркиралишта, велосипедски патеки и креирање на други рекреативни активности, со што овој центар ќе доби можност да се вброи во најмодерните европски зимски центри.

Инвестицијата треба да се реализира почнувајќи од 2023 година и ќе се реализира во 6 инвестициски фази од кои првата изнесува приближно 55 милиона евра – додаваат од Министерството.