Skip to main content

Македонските компании ги добија признанијата „Македонски квалитет“ за 2025 година

Охридската ЛТХ Леарница добитник на признанието „Македонски квалитет“ за 2025 година
 |  инфодеск  |  ,

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова и претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, денес ги доделија признанијата „Македонски квалитет“ за 2025 година на македонските компании кои даваат значаен придонес во развојот на националната економија и нејзина промоција на меѓународно ниво. Со признанието за 2025 година се закитија Комерцијална банка АД, Малиќи Груп, Голден Арт, ЛТХ Леарница Дооел Охрид, Пекабеско АД, Боми 10 Логистик, Нетам Доо, Еко Логистик Сервис, Кабтел Дооел, Велидент Трејд, и Дамипак Дооел.

Станува збор за македонски компании кои даваат значаен придонес во развојот на националната економија и нејзина промоција на меѓународно ниво, кои континуирано демонстрираат високи стандарди во работењето, стабилен раст, иновативен пристап и доследна грижа за квалитетот на производите и услугите.

Процесот на селекција на добитниците, како што посочуваат од Сојузот, се темели на јасно утврдени критериуми, меѓу кои се: квалитет и сигурност на производите и услугите, финансиска стабилност, деловна етика, вложување во човечки ресурси, имплементација на современи стандарди и системи за управување, како и придонес кон локалната заедница и одржливиот развој.

-Компаниите кои ги наградуваме персонифицираат и демонстрираат зрелост и потенцијал кон македонското стопанство да креира оддржливи модели на раст, да генерира иновации и да одржува динамична, но стабилна бизнис клима, истакна преседателката Гордана Сиљановска Давкова.