24-часовни контроли на патиштата, македонската полиција се приклучува на европскиот „Маратон на брзина“
Македонската сообраќајна полиција како членка на Европската мрежа на сообраќајни полиции – ROADPOL се приклучува на акциската контрола со зголемени контроли за возење над дозволената брзина.
Oд среда, 15 април од 00.00 часот до четврток 16 април 00.00 часот ќе биде 24 часовен Маратон на брзина во кој период ќе има непрекинати акциски контроли на брзината на движење на територијата на целата државa.
Засилени акциски контроли на патиштата низ целата држава, како дел од големата европска акција на Мрежата на европски сообраќајни полициски сили ROADPOL, македонската сообраќајна полиција ќе спроведува од 13 до 19 април.
„Маратонот на брзина“ се изведува истовремено на територијата на цела Европа, со цел да се подигне свеста за опасностите од брзото возење.
Од МВР нагласуваат дека голем дел од локациите каде ќе се вршат мерењата се однапред познати на возачите. Намерата е да се засили превентивниот ефект и да се поттикнат возачите да ги почитуваат ограничувањата.
Од полицијата велат дека брзото возење останува главен фактор за сообраќајни незгоди со тешки и смртни последици и затоа преку проектот „Безбеден град“, се работи на долгорочна промена на однесувањето кај возачите.


