Контролорите на летање на аеродромите во Скопје и Охрид на штрајк на 12-ти октомври
Синдикатот на контролори на летање во АД во државна сопственост за услуги во воздухопловната навигација М-НАВ најавува штрајк на 12 октомври, при што во периодот од 11 до 17 часот нема да се опслужуваат воздухоплови на Скопскиот и Охридскиот аеродром.
Синдикатот на контролори на летање преку медиумите информира дека штрајкот е поради наталожени проблеми од раководството на МНАВ, лоши услови за работи и наместени огласи. Тврдат дека поради стара техника, авиосообраќајот над небото на Македонија ова лето бил принудно намален.
„Најостро реагираме на досегашните неправилности во професионалниот дел – на начинот на селекција, на прераспоредувањето на портирите преку ноќ во Контролата на летање, како советници на советниците за советнички прашања, потоа на измислени работни места во одделот за човечки ресурси, како помошници на контролорите за летање, што ние потоа ги обучуваме, итн. Првин раководството распишува оглас, па без наше присуство, со нивна т.н. селекција, вработуваат како портири. Преку ноќ не известуваат: ’Од утре имате нови на обука’. Со тоа, платата преку ноќ им расте за 30.000 денари на тие несудени портири. Имавме случај кога една новопримена колешка денеска беше чувар, третиот ден дојде во Контрола на летање со плус 500 евра плата, четвртиот ден отиде на породилно отсуство“- вели Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролори на летање, во изјава за СДК.МК.
Од Синдикатот бараат да се запре со, како што велaт, непрофесионалното однесување во однос на процесите за вработувања, внатрешни прераспоредувања, услови за работа и модернизирање на системот за работа. За неповолните состојби го информирале и Министерството за транспорт и врски.