Кривична за директорот на ЗОО Скопје
На 14.07.2022 во 18.00 часот, полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција при МВР и Одделението за криминалистички работи Карпош лишија од слобода 5 лица, и тоа Д.М.(25), А.М.(43), М.Х.(45), В.Г.(46), вработени во Зоолошката градина во Скопје и З.Р.(44), надворешен соработник.
При извршена обиколка на Зоолошката градина, по претходно добиени сознанија, тие биле затекнати во помошните простории на Зоолошката градина (кујна за подготвување храна за животните) како подготвуваат храна од коњи (12 коњи и една мазга) кои ги колат на лице место за месото да го употребат како храна за дивите животни во Зоолошката градина.
Лицата се приведени во полициска станица, каде дополнително бил повикан и К.С.(35), директор на Зоолошката градина, со кого бил извршен службен разговор. На лице место излегле и инспектори од Агенцијата за храна и ветерина, кои констатирале неправилности во постапката и го одзеле месото.
Од страна на СВР Скопје против сите шест лица ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје.
Град Скопје го разреши в.д директорот на Зоолошката градина Кристијан Стаменов по објавите дека дозволил масакр на коњи.