Лешница ја враќа својата природна убавина: Во тек е демонтажа на цевководите од малите хидроцентрали

Од Националниот парк Шар Планина соопштија дека во координација со надлежните државни институции, во тек е сложена операција за демонтажа и изнесување на цевководите од малите хидроцентрали Пена 84 и Пена 85 во долината на Лешница.

Од таму велат дека ова е резултат на долг и посветен институционален процес, во кој ЈУ Национален парк Шар Планина доследно ги застапуваше стручните, законските и природозаштитните аргументи пред сите надлежни институции, со јасна цел – заштита на долината на Лешница и зачувување на природните вредности на Шар Планина.
-Нашите ставови отсекогаш беа јасни и засновани на законската рамка и на стручните документи. Планот за управување со Национален парк Шар Планина јасно утврдува дека изградба на нови хидроелектрани не е дозволена во ниту една зона на заштита, бидејќи тие претставуваат една од најзначајните закани за природните вредности и за речните екосистеми. Долината на Лешница е подрачје со исклучителни природни вредности, дел од идната Natura 2000 мрежа и Emerald подрачје, чија заштита претставува и национална и меѓународна обврска, се вели во соопштението од НП Шар Планина.

Од таму додаваат дека Националниот парк побара враќање на реката Пена во нејзината природна состојба, што подразбира целосна демонтажа на поставените цевководи, нивно изнесување надвор од границите на Националниот парк, отстранување на бетонските конструкции и постепена обнова на природниот речен екосистем.
Цевките се носат до паркингот на ски центарот „Попова Шапка“, од каде ќе бидат преземени за понатамошни постапки.







