Skip to main content

Од четврток личната карта и возачката дозвола на мобилен телефон, стартува „м.Услуги“

Апликацијата „м.Услуги“ е наменета за мобилни уреди, а нејзините функционалности ќе се развиваат и надградуваат во наредниот период.
 |  инфодеск  | 

Од четврток, 29 октомври, граѓаните ќе можат да ги користат личната карта и возачката дозвола во дигитална форма, преку новата мобилна апликација „м.Услуги“. Официјалната промоција на апликацијата е закажана за среда, 28 октомври, најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Преку апликацијата, граѓаните ќе имаат пристап до електронските верзии на личната карта и возачката дозвола, како и до електронски услуги од јавната администрација. Целта е државните услуги да станат подостапни и поедноставни за користење, директно преку мобилниот телефон.

Една од предностите на електронскиот паричник е можноста корисниците самите да избираат кои лични податоци ќе ги споделат при идентификација. Податоците ќе се разменуваат преку QR-код за еднократна употреба, кој истекува по 10 до 15 секунди. Според најавите на министерот, апликацијата е развивана со посебен акцент на безбедноста и заштитата на личните податоци. Воведувањето на дигиталните документи е дел од поширокиот процес на дигитализација на државните услуги и претставува чекор кон воведување европски дигитален паричник.

Користењето на апликацијата нема да биде задолжително, а граѓаните и понатаму ќе можат да ги користат постојните физички документи. Апликацијата „м.Услуги“ е наменета за мобилни уреди, а нејзините функционалности ќе се развиваат и надградуваат во наредниот период.