Љутков: Универзална почнува да се гради!
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, објави дека започнува реконструкцијата и модернизацијата на Универзалната сала – еден од најзначајните културни симболи на Скопје и на Македонија.
-Како министер за култура и туризам, информирам дека постапката за избор на изведувач за Универзалната сала успешно е заокружена, откако Државната комисија за жалби по јавни набавки ја одби како неоснована жалбата на економскиот оператор и го потврди изборот на најповолна понуда. Со ова се отстранува и последната правна пречка за старт на градежните работи, вели министерот во својата објава.
Како што информира Љутков, проектот ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, а реконструкцијата на Универзалната сала е предвидено да заврши до декември 2027 година, а ова е клучен проект во рамките на подготовките на Скопје за носење на престижната титула Европска престолнина на културата 2028.

Со новиот лик на Универзална, Скопје ќе добие модерна, функционална и репрезентативна културна институција, која ќе биде домаќин на врвни театарски претстави, концерти, фестивали и големи културни настани.
-Ова е инвестиција во иднината на македонската култура, инвестиција во нашите уметници, во нашата публика и во идните генерации. Останувам целосно посветен на транспарентно, законито и ефикасно реализирање на сите капитални проекти кои го зајакнуваат културниот идентитет на нашата земја, порача Љутков.


