Skip to main content

Македонија на 122-ро место на ранг листата за слобода на медиумите

Во најновиот извештај на организацијата „Фридом хаус“, Македонија бележи натамошен пад на ранг-листата за слободата на медиумите. Негативен тренд се бележи во целиот свет.

logo
Лого

Во најновиот извештај на организацијата „Фридом хаус“, Македонија бележи натамошен пад на ранг-листата за слободата на медиумите. Негативен тренд се бележи во целиот свет.

freedom houseМакедонија годинава се најде на 122. место на листата на „Фридом хаус“ за слободата на медиумите со статус на делумно слободна земја, што е и пад за две места во однос на минатогодишниот извештај. Од поширокиот регион, единствено Турција е зад Македонија и е означена како неслободна земја, додека сите останати земји се рангирани повисоко.
Од вкупно 197 земји на листата, Македонија го дели 122. место заедно со Кенија и Конго, а пред неа се држави како Сиера Леоне, Панама и Косово. Повеќето други земји од балканскиот регион се оценети како делумно слободни, меѓу нив и Србија, Грција, Хрватска, БиХ и Бугарија.

Бодувањето на „Фридом хаус“ се врши во три групи, односно се оценуваат три категории: законодавно-правната, политичката и економската состојба во земјите.

Од организацијата заклучуваат дека слободите, во смисла на основните човекови права и граѓанските слободи, во светски рамки бележат паѓање веќе осма година по ред.

Особено загрижувачки е развојот на состојбата во Египет, а како критични се посочуваат и Русија, Украина, Азербејџан, Турција, Венецуела и Индонезија.

Што се однесува до европскиот континент, најголемата забелешка се однесува на порастот на ксенофобијата, особено преку засилувањето на влијанието на анти-имиграциските и евроскептичните партии во Британија, Франција, Холандија, Австрија и други западно-европски држави. Се предупредува и на порастот на влијанието на радикални партии како Златна зора во Грција и Атака во Бугарија, кои добиваат на значење на сметка на политичкиот мејнстрим во овие земји, пред сѐ поради економските проблеми. Како слични примери се наведуваа и партијата Јобик во Унгарија, како и Словачката национална партија во Словачка.

Заедничко за сите е ширењето на омраза и непријателство кон Ромите, Евреите и хомосексуалците.
Првите три места на листата на „Фридом хаус“, како земји со најголема слобода, ги делат Шведска, Норвешка и Холандија. На дното, традиционално, се Северна Кореја, Туркменистан и Узбекистан.

{loadposition content9}