Skip to main content

Втора во регионот

Македонија 29-та во светот по извоз на вино

Според последното рангирање на Worldtopexports, Македонија лани била 29-ти најголем извозник на вина во светот.
 |  инфодеск  | 
Извоз на вино

Во текот на изминатата 2021 година македонските винарии извезле вино во вредност од 61,4 милиони долари, што е зголемување од 19,1% во споредба со претходната 2020 година.

Виното е еден од ретките извозни производи со кои Македонија како извозник котира повисоко на светските извозни ранг листи.

Така според последното рангирање на Worldtopexports, Македонија лани била 29-ти најголем извозник на вина во светот.

Во регионот, пак, Македонија е еден од лидерите според вредноста на извезеното вино, односно втор најголем извозник после Грција. Грција со извоз од 100 милиони долари минатата година е рангирана на 25 место на листата на најголеми извозници на вино во светот.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека македонските вина најмногу се извезуваат во земјите од регионот, но во последните неколку години има успешни обиди за извоз на вино и во други земји во Западна Европа и во Кина.

Најголем извоз на вино традиционално веќе со години наназад имаме во Србија. Минатата година во Србија биле продадени македонски вина во вредност од 14,8 милиони долари. Втор најголем извозен пазар за македонските вина е Германија, каде е извезено вино во вредност од 9,8 милиони долари.

Извоз на вино

Следат Хрватска со извоз од 9,6 милиони долари минатата година, БиХ со извоз вреден 4,4 милиони долари и Бугарија со извоз од 3,5 милиони долари. Кина лани била седми најголем извозен пазар за македонските вина со извоз од над 1,9 милиони евра.

Лани на десет пазари имало извоз на македонски вина поголем од 1 милион долари и на овие пазари е реализиран скоро 90% од вкупниот извоз на вина.

Македонската винска индустрија е една од ретките нето извозни индустрии во земјава, бидејќи и суровините кои ги користи за производство се речиси во целост домашни.

Според податоците од Асоцијацијата Wines of Macedonia над 85% од вкупно произведеното вино се извезува на близу 40 странски пазари, а 15 % се продава на домашниот пазар. Околу 50% од произведените македонски вина се извезуваат во шишиња, додека останатото се продава на странските пазари како наливно вино. Најголеми извозни пазари за флаширано вино се земјите од регионот, додека најголем дел од наливното вино се извезува во Германија.

Винската индустрија во Македонија е високо фрагментирана и во неа работат 74 регистрирани винарии, од кои околу 90% се со капацитет помал од 5 милиони литри, а само четири се поголеми винарии со капацитет помеѓу 15 и 50 милиони литри. Најголема винарија и најголем извозник на вино од земјава е винаријата Тиквеш.

Извор: Извоз.мк