Skip to main content

Македонија на 71-то место, на листата Doing bussiness(ДПЛ)

Македонија е рангирана меѓу првите 20 реформатори, односно меѓу 10-тото и 20-тото место во извештајот на Doing Business 2009 на Светска банка.

Македонија е рангирана меѓу првите 20 реформатори, односно меѓу 10-тото и 20-тото место во извештајот на Doing Business 2009 на Светска банка.

Во периодот од јуни 2007 до јуни 2008 година Македонија бележи и скок од осум места на генералната позиција и од 79. место лани годинава е рангирана на 71. помеѓу 181 земја во светот во подобрувањето на вкупната бизнис клима.

„Република Македонија е рангирана подобро скоро од сите земји во регионов – од Албанија (86), Црна Гора (90), Србија (94), Грција (96), Хрватска (106), Црна Гора (90), БиХ (119) и Словенија (54). Влеговме и во топ 20-те држави за направените реформи во последнива 12 месеци“, рече премиерот Никола Груевски на денешната прес-конференција во Владата.
Тој истакна дека Македонија бележи  напредок во рангирањето како резултат на континуираните реформи во шест од вкупно 10 индикатори што го следат времето и средствата потребни за исполнувње на институционалните барања при започнување и водење компанија, прекугранична трговија, плаќањето даноци и затворање/ликвидирање компании, кои ги оценува Doing Business и врз основа на кои ги рангира економиите.

„Како резултат на континуираните реформи годинава е верификувано подобрување во започнувањето бизнис, регистрирање имот, пристап до кредити, услови за тргување, плаќање даноци и извршување договори. Она што е уште позначајно е дека изминатава година Македонија нема спроведено ниту една реформа која негативно би се одразила на бизнис климата“, рече премиерот Груевски.

 

Македонија е рангирана на 27. место според индикаторот плаќање даноци, во делот на започнување бизнис е рангирана на 12-то место, намалување на времето за регистрација на имот од 98 на 66 дена со реформите на катастарот придонесоа да се искачи Македонија за шест места повисоко на ранг листата, а намалувањето на времето за извоз од 19 на 17 и времето на увоз од 17 на 15 дена како резултат на зголемувањето на ефикасноста на Царинската управа придонесе за подобрување на ранг листата на индикаторот услови за тргување. За индикаторот пристап до кредити се бележи скок од осум места и наместо на 51-во Македонија сега е рангирана на 43-то место, а во делот на извршување договори се бележи зголемувањето на ефикасноста на основните судови и забрзувањето на извршувањето на договорите во комерцијалните спорови.

„Податоците објавени во најновиот извештај на Светската банка Doing Business се најрелевантни за условите за водење бизнис и претставуваат независен извор во светската стручна и бизнис јавност“, рече премерот Груевски, нагласувајќи дека извештајот дава позитивни оценки за успешното спроведување на реформите во Македонија во изминатите 12 месеци.

Тоа, според него, е од исклучително значење за промена на перцепцијата за Македонија и за градење позитивен имиџ што ќе донесе повеќе  домашни и странски инвестиции.

„Извештајот ќе има позитивни импликациии врз развојот на економијата, отворањето на работните места и подобрувањето на стандардот на населението“, истакна премиерот Груевски и вети дека Владата и понатаму ќе прави напори работите во сферата на бизнисот и економијата да се подобруваат.

Груевски очекува извештајот на Светска банка за наредната година да биде поповолен за Македонија, бидејќи, како што кажа, во сегашниот не се влезени реформите кои се спроведени во последниот период. Тој потенцира дека за само две години од 96. Македонија дојде на 71. место на ранг листата на Doing Business.

Прашан дали годинашното рангирање од 10-то до 20-то место за разлика од лани кога бевме четврти, значи успорување на реформите, вицепремиерот Зоран Ставрески рече дека е логично по првата година во која беа спроведени многу реформи за подобрување на бизнис климата споредбената основа годинава да биде на многу повисоко ниво за Македонија.

„Да се биде меѓу 10-то и 20-то место во овие 12 месеци е исто толку голем успех. Ние сме задоволни што успеавме за само две години да ја донесеме земјата да биде најдобра во регионот. Тоа е значајно бидејќи сите инвеститори кои ги читаат извештаите ќе увидат дека во Македонија продолжуваат реформите со несмален интензитет“, рече вицепремиерот Ставрески.