Македонија според индексот на среќа на 82 место од вкупно 147 земји, најсреќни се Финците
Финска деветта година по ред се наоѓа на врвот на најновата ранг-листа за најсреќни земји во светот. На дното на листата повторно е Авганистан. Македонија е на 82 место од вкупно 147 земји.
Втора земја на листата е Исланд, по што следат Данска, Костарика и Шведска.
Од земјите во регионот, најдобро пласирано е Косово, кое се наоѓа на 16 место, следено од Словенија на 18-та позиција и Србија на 30-тото место. Босна и Херцеговина е 47-ма, Црна Гора 60-та, а зад Македонија се Бугарија (84), Грција (85) и Албанија (86).
Извештајот се објавува секоја година околу 20-ти март – Меѓународниот ден на среќата на ОН и ги рангира земјите според тоа како граѓаните го оценуваат својот живот. Податоците се базирани главно на светската анкета на Галуп, а во анализата влегуваат фактори како: социјална поддршка, економските перформанси на земјата, очекуван здрав животен век, слобода на избор, дарежливост и перцепција на корупција. Според резултатите, задоволството од животот кај младите под 25 години значително опаднало во изминатата деценија. Извештајот истакнува дека прекумерната употреба на социјалните мрежи е поврзана со намалена благосостојба, особено кај тинејџерките во англиското говорно подрачје и Западна Европа.
Извештајот го изработуваат Истражувачкиот центар за благосостојба при Универзитетот Оксфорд, Галуп и Обединетите нации.